Али Ахмети за „Слободен печат“: Протести за почитување на легитимитетот и можни предвремени избори

Али Ахмети, лидер на ДУИ Фото: Ахмети, Фејсбук

Иако лидерот на ДУИ не откри дали финале на протестите со кои треба да издејствува закон за легитимитетот ќе биде барањето за предвремени парламентарни избори, според него, дестабилизацијата на земјата се случува со промена на Законот за албанскиот јазик, со поништувањето на балансерот, со иницијативата за преиспитување на автентичното толкување на хашките предмети…

Со протести пред Собранието и пред Владата ДУИ ќе се обиде да се избори за законски или уставни измени со кои ќе се почитува легитимитетот, потврди лидерот на ДУИ Али Ахмети во разговор за „Слободен печат.

Тој додаде дека нарачаната анализа од американскиот професор по право Пол Вилијамс нема за цел регионализација или федерализација на Македонија, туку само почитување на Рамковниот договор. Ахмети, како што вели, не е анархист, туку легалист.

Лидерот на ДУИ му одговори и на премиерот Христијан Мицкоски дека протестите не значат дестабилизација на државата. Напротив, според лидерот на ДУИ, дестабилизација е промена на Законот за албанскиот јазик, поништување на балансерот, иницијативата за преиспитување на автентичното толкување на хашките предмети.

Тој не открива дали финале на протестите со кои треба да издејствува закон за легитимитетот ќе биде барањето за предвремени парламентарни избори.

– Од 50 страници обработени од анализата на Пол Вилијамс ќе подготвиме закон за легитимитетот и не станува збор само за анализата на Вилијамс, туку се вклучени и домашни експерти. Иако легитимитетот е во рамките на Охридскиот договор, или не знаат да го читаат или не сакаат да го читаат. Рамковниот договор е против мајоризација, ја определува правичната застапеност и определува дека Македонија е мултиетничка, мултиконфесионална, мултикултурна и мултијазична земја која се определува со консоцијативна демократија. Консоцијативната демократија е функционална во Швајцарија, Белгија, во Ирска. Во Швајцарија без проблем функционираат четири етнички групи – Германци, Италијанци, Французите и Ретророманите кои таму се застапени само со еден процент. Лојалноста на самата држава имплицира и лојалност на самите граѓани, бидејќи им ја почитува културата и јазикот. Во фаза сме на целосна анализа на документот, изработен од Вилијамс и домашните експерти. Во интерес ни е тука да функционираат добрите меѓуетнички односи, без меѓуетнички судири, зашто оваа држава е заедничка. Не ни пречи англискиот јазик, ама ни пречи албанскиот – ни изјави Ахмети.

Која е суштината на предлогот на Вилијамс за легитимитетот – победник со победник да прави Влада? Што ќе биде главната формулација на законското решение и како тоа ќе се озакони, односно дали ќе предложат уставни измени, го прашавме претседателот на „интегративците“.

– Нема победник со победник. Обврска да биде мандатарот да ја почитува волјата на гласачите на втората по големина заедница во Македонија. Тоа ќе го реализираме или преку предлог-закон или преку уставни измени. Ако не се почитува легитимитетот, тогаш зошто ние би излегле на избори? Сè што е постигнато со Охридскиот договор сега е девастирано. Вреди не раководи ниту со 20 отсто од институциите. Министерството за економија, на пример, има помалку ингеренции од институција раководена од Град Скопје. Нема прв вицепремиер – вели Ахмети.

Но како ќе се оствари тоа кога е потребен широк консензус, кој ДУИ во моментов го нема?

– Може да се разговара со тие што се заинтересирани за мир, стабилност, сигурност и иднина. Сигурно дека без поширок консензус овие прашања не се решаваат, како што консензус е потребен за сите национални теми – вели Ахмети.

Дали оваа тема ја отворивте на средбите со Мицкоски?

– Сите овие прашање се отворени. Како што зборувам со вас, зборувам и со политичките претставници – ни рече Ахмети.

Дали двотретинското мнозинство што ДУИ ѝ го обезбеди на власта за Законот реорганизација на Владата и поддршката на измените на Законот за локална самоуправа биле дел од разговорите со Мицкоски како авансирање на закон за легтимитетот?

– Јас не сум претседател на анархистичка партија. Јас сум претседател на партија која има сериозен пристап за процесите, за државата, за меѓуетничките односи. Не сум преговарал за Законот за реорганизација на Владата и за Законот за локална самоуправа. Зборував во партијата и со партнерите дека не треба да одиме сега на избори кога локалните избори се за една година – одговори тој.

Тогаш како ќе го реализирате законот за легитимитет, преку протести, блокади?

– Ќе имаме состанок со Секретаријатот за еднакви можности. Веќе остваривме средби со пратеничката група, со функционерите, со градоначалниците, со претседателите на ограноците. Сите се подготвени да протестираат пред институциите поради повредата на легитимитетот. Протестите ќе почнат кога ќе одлучат граѓаните. Секој огранок ќе има состаноци со граѓаните кои ќе бидат отворени. Јас сум легалист и институционалист. Ќе протестираме пред Владата и пред Собранието, каде ќе говорам јас и други сопартијци. Ќе видиме колку ќе траат протестите – објаснува Ахмети.

За најавата за протести премиерот Мицкоски повеќепати изјави дека се можна дестабилизација.

– Дестабилизација е да го промениш законот за албанскиот јазик, да покренеш иницијатива за автентичното толкување на хашките случаи, да го газиш Охридскиот договор, да го укинеш балансерот. Не е дестабилизација да го браниш легитимитетот – возврати лидерот на ДУИ.

Точно ли е дека со анализата барате регионализација и федеррализација на Мкаедонија.

– Али Ахмети го почитува Охридскиот договор. Охридскиот договор е светост за Македонија. Секоја недобро обмислена иницијатива може да предизвика само судири. Јас веќе кажав дека не сум претседател на анархисти – поентираше Ахмети на крајот од разговорот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот