Албанија се качи на возот за ЕУ, Македонија пред слеп тунел

Македонија и Албанија заедно ја прославија Првата меѓувладина конференција во Брисел во јули 2022/ Фото: Архива на Слободен печат

Се случи она од што се плашевме – раздвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ. Цело време се трудевме да ги водиме паралелно двете држави, свесни за условите што ги имаше Македонија, но повеќе нема паралелизам. Албанија ги исполни одредниците за отворање на преговорите и тие ќе почнат за првиот кластер, велат за „Слободен печат“ доброинформирани извори од Брисел.

Во Брисел пред два дена се случи она што долго време се претпоставуваше и на што се предупредуваше, дека Македонија и Албанија ќе бидат раздвоени на патот кон ЕУ. Постојаните претставници на земјите членки на ЕУ донесоа одлука да се одржи Втора меѓувладина конференција со Албанија, најверојатно на 15 октомври, по што ќе се отворат поглавјата од Кластерот 1 „Темелни вредности“, кој вклучува јавни набавки, статистика, судство и основни права, правда, слобода и безбедност и финансиска контрола.

Македонија ќе почека на Втора меѓувладина конференција и отворање на поглавја додека не го исполни условот – спроведување на уставните измени и внесување на Бугарите. За поинаква одлука не помогна ни посетата на премиерот Христијан Мицкоски на Брисел, каде што на маса го стави најавуваното креативно решение „Француски предлог плус“ и, како што најави пред заминувањето, ја пренесе фрустрираноста на македонските граѓани.

– Се случи она од што се плашевме – раздвојување на Македонија и Албанија на патот кон ЕУ. Цело време се трудевме да ги водиме паралелно двете држави, свесни за условите што ги имаше Македонија, но повеќе нема паралелизам. Албанија ги исполни одредниците (бенчмаркови) за отворање на преговорите и тие ќе почнат за првиот кластер. Тоа јасно значи дека Албанија оди напред – велат за „Слободен печат“ доброинформирани извори од Брисел.

Нашиот извор објаснува дека на средбите во Брисел, Мицкоски и министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски „го споменале“ таканаречениот „француски предлог плус“, но ставот на сите европски функционери бил дека тој не е реалистичен и дека треба да се дојде до решение што не ги поткопува условите за Македонија.

Освен овој план, за Македонија е важно да добие гаранции дека по уставните измени нема да има нова блокада, но таква гаранција никој не може да даде. И тука на сцена треба да стапи Унијата со креативно решение за нешто што би било протолкувано како гаранција.

Во овие околности исклучено е и репреговарање на Преговарачката рамка на што претходно инсистираше македонската Влада, а одговорот од Брисел е дека не може да има репреговарање за она што веќе е договорено, туку како ќе се исполни договореното.

Мицкоски останува на ставот без гаранции да не прифаќа никакви услови

Премиерот Христијан Мицкоски сепак останува на ставот дека без гаранции нема да прифаќа никакви услови. За него ова што се случува е диктат, но не е изненадување.

– Во Брисел беше соопштено и кажано повторно нешто со кое се покажува лоша порака кон македонските граѓани, затоа што ние како држава имаме поминато многу во овие две и пол децении откако го почнавме патот кон членство во ЕУ и многу работи што никој не ги направил ние ги направивме, а немаат врска со Копенхашките критериуми. Жалам што претходната влада егзибиционистички прифаќаше сѐ, мавташе со европското знаме. Јас го делам впечатокот со огромното мнозинство македонски граѓани дека не треба повеќе на сметка на национални отстапки, идентитетски отстапки, без гаранции да прифаќаме услови. За мене ова е диктат, ако е ова условот за Македонија да продолжи да преговара, тогаш тоа го кажав и во Брисел – не, благодарам – изјави вчера Мицкоски, коментирајќи ја одлуката на ЕУ.

Тој додаде дека понудил европски пристап од типот „ајде да разговараме, немојте со диктат. Да разговараме колку што е потребно додека не најдеме решение, а сега очигледно немаме“. Она што го понудил во Брисел е уставните амандмани да се усвојат, но да важат и да бидат ефективни кога Бугарија ќе го ратификува пристапниот протокол. А за тоа, како што рече, и ЕУ треба навистина да покаже желба.

Христијан Мицкоски/ Фото: Влада на РСМ

А во истата таа ЕУ од која Мицкоски очекува желба, не гледаат јасна заложба и посветеност кај Владата да се најде начин да се одблокира процесот. Досегашното „офкање“, велат нашите извори, не е без основа, но не е начин на продолжување на европскиот пат.

Филипче: Мицкоски сервираше голема изборна измама

Очекуваната одлука во Брисел за раздвојување на Македонија и Албанија, според политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ е своевиден притисок врз Македонија да го исполни она што го ветила и го потпишала.

– Дури мислам дека тој притисок нема да заврши тука и дека ќе се искористи албанското гласачко тело во Македонија околу евентуална изолација, а она што е поважно е дека ние во Македонија немаме консензус за ваквата надворешна политика што ја тераме. Консензус да се противиме на она што веќе сме го потпишале. Точно дека немавме консензус ни за потпишувањето, но политиката е во моментов таква каква што е и немаме никаква логистика од меѓународната заедница да бараме некакви кривини во сè она што е договорено. И најстрашниот дел е што немаме јасна алтернатива, макар таа била неконсензуална дури и несоодветна. Немаме ни таква за да се бориме за неа или да фрлиме документ на маса во Софија или во Брисел и да речеме „ние сметаме дека вака треба да биде, мислете вие на оваа тема“ – вели Ранѓеловиќ за „Слободен печат“.

Според него, немаме ни поддршка од меѓународната заедница да инсистираме на некаков преседан во ЕУ или, просто кажано, „во моментов ние губиме време“.

За претседателот на опозицискиот СДСМ, Венко Филипче, раздвојувањето на Македонија и Албанија е тежок пораз на политиките на Владата на планот на европската интеграција на државата.

– Со оваа одлука станува јасно дека Албанија ќе добие зелено светло за продолжување на втората фаза за преговори со ЕУ и отворање на првиот кластер. Раздвојувањето е огромна катастрофа за иднината на граѓаните. За жал, оваа нова пропуштена шанса ќе се одрази на многу семејства и на уште една цела нова генерација – рече Филипче додавајќи дека „ова ја убива надежта дека нашата држава може да напредува и да се развива“.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски на граѓаните им сервирале една голема изборна измама и преку куп лаги и манипулации тие се обиделе да ја скријат вистинската намера, а вистинската намера е, како што рече Филипче, дека ниту имаат план ниту сакаат државата да напредува и да се развива во и кон ЕУ.

Венко Филипче, лидер на СДСМ/ Фото: Слободен печат

Неговиот став е дека Владата сама себе се блокирала, бидејќи стравот од кои било идни блокади е сам по себе блокада, а најголема трагедија е што ВМРО-ДПМНЕ сака повторна билатерализација на европските преговори и спорот со Бугарија.

– Треба на сите да им е јасно – спорот со Бугарија не беше веќе билатерален. Со тешки маки успеавме од таков, да го внесеме во рамките на преговорите. Ние веќе не преговараме со Бугарија, туку со ЕУ – додаде Филипче.

Инаку, Македонија и Албанија заедно ја одржаа Првата меѓувладина конференција во јули 2022 година, но според неофицијалните изјави од Брисел, и тогаш таа за Македонија била повеќе „политичка“, а за Албанија „вистинска“. Сега две години потоа, Албанија ја отстрани последната пречка – притворот за Фреди Белери, етнички Грк, кој лани во мај беше избран за градоначалник на албанското приморско гратче Химара. Тој беше уапсен под обвинение за купување гласови што тој го негираше, а и покрај изборната волја на гласачите, не му беше дозволено да положи заклетва. Грција го блокираше европскиот пат на Тирана. Работите се сменија откако Белери (кој има двојно државјанство) беше предложен за европратеник од владејачката партија во Грција Нова демократија и доби место во Европскиот парламент. Преговорите на албанската со грчката влада, како и притисокот што Брисел го изврши врз Атина да се откаже од блокирањето на интегративниот процес по апсењето на градоначалникот Фреди Белери, се чини дадоа резултати, коментираат албанските медиуми. На почетокот на септември Белери беше условно ослободен, со што се отвори патот на Албанија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот