Ако ви отекуваат нозете на горештините: Како да се спречи и дали има причина за тревога и посета на лекар

Фото: Профимедиа

Стапалата може да отечат поради различни причини, а една од главните е дехидратацијата, која предизвикува задржување на водата.

Со порастот на надворешната температура, честа појава и непријатен проблем е отекувањето на нозете. Ако сте забележале дека вашите стапала, односно глуждовите на нозете отекле додека сте биле надвор на горештините, не сте единствени, бидејќи тоа е релативно чест проблем, пишува „Дан Еверсон Подиатри“ (Dan Everson Podiatry).

Нозете можат да отекуваат од различни причини, а една од главните е дехидратацијата која може да предизвика задржување на водата во телото и со тоа да го влоши отекувањето на екстремитетите. Кога сме дехидрирани, нашето тело се труди да зачува што е можно повеќе течност, а тоа доведува до акумулација на вода во нашите ткива.

Зошто нозете отекуваат во лето?

Како и дехидратацијата, продолжените периоди на стоење или седење, особено на високи температури, може да го зголемат притисокот во вените на нозете и стапалата. Овој зголемен притисок ја забавува циркулацијата и доведува до задржување на течности и отекување. Поради таа причина, луѓето кои поминуваат часови стоејќи или седејќи на високи температури мора да бидат особено внимателни.

Исто така, одредени медицински состојби, како болестите на срцето, бубрезите или црниот дроб, може значително да придонесат за отекување на нозете. Отокот на нозете или едем, во основа се појавува кога премногу течност се акумулира во ткивата на нозете или поради слаба циркулација или поради зголемен притисок во крвните садови. Топлината го влошува овој проблем, бидејќи предизвикува телото да задржува повеќе вода и соли, што може да доведе до задржување на течности и оток.

Како да го спречите отекувањето на нозете?

Постојат неколку стратегии што можете да ги користите за да го спречите или намалите отокот на нозете.

Избегнувајте изложување на топло кога е можно

Ако вашите стапала отекуваат на топло време, обидете се да се разладите. Седнете под сенка или останете во климатизирани простории секогаш кога е можно. Користете мал вентилатор за ладење. Нанесете спреј за ладење на стапалата и нозете. Избегнувајте топли купки, тушеви и сауна. На крајот од туширањето, измијте ги стапалата со ладна вода за да ја подобрите циркулацијата.

Внимавајте што јадете

Консумирајте храна со малку натриум како што се лесни чорби, домашни супи и салати. Исто така, обидете се да се држите подалеку од преработена храна која обично е богата со сол.

Зголемете го внесот на вода

Можеби изгледа контраинтуитивно, но пиењето повеќе вода, всушност, може да го ублажи отекувањето со тоа што го одржува телото хидрирано и му помага да го исфрли вишокот сол.

Удобни обувки

Носењето удобни обувки кои обезбедуваат добра поддршка и кои се направени од материјал што дише може во голема мера да им помогне на отечените стапала.

Редовно вежбање

Редовното вежбање, односно физичките активности како што се одење, пливање или возење велосипед може да ја подобри циркулацијата на крвта и да го спречи таложењето течности во нозете.

Кренете ги нозете

Секогаш кога е можно, кренете ги нозете над нивото на срцето. Ова помага да се намали притисокот врз вените на нозете и стапалата и промовира дренирање на течностите.

Земете магнезиум

Збогатете ја вашата исхрана со магнезиум, бидејќи овој минерал, меѓу другото, го регулира нивото на течности во телото, што може да помогне да се намали отокот. Ќе го најдете во бананите, зелениот лиснат зеленчук како спанаќот и кељот, семките, темното чоколадо… Размислете за земање дневна доза на магнезиум, бидејќи 200 милиграми од овој додаток во исхраната може да помогнат во одржувањето на нивото на хидратација што ќе помогне да се намали отекувањето. Доколку размислувате за земање суплементи со магнезиум, прво консултирајте се со вашиот лекар ако имате какви било здравствени проблеми.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот