Ај, баш да видиме!

денко малески
Професор Денко Малески, Фото: Слободен печат/Архива

Премиерот на кој му се чини дека им рекол „Не“ на Америка и „Не“ на ЕУ за нивниот „француски предлог“, кој прогласи крај на ерата на виткање кичма и „лижење чевли“, не само што ги отфрли предупредувањата на албанските политичари во опозиција и во власта, туку и ги повика да си стојат на зборот зашто, ако не го сторат тоа, ќе остават „лош впечаток во јавноста“.

Една нова генерација „храбри“ политичари е на власт во Македонија. Кога во предизборието, во една дебата, водителот, кобожем загрижен, му вели на редовниот гостин во неговата емисија, дека има луѓе што мислат дека натамошното заостанување на патот на европската интеграција ќе ги отуѓи Албанците од државата и може да доведе до меѓуетнички конфликт, тој одговори со потсмев: „Ај, баш да видиме“.
Ова не е храброст. Англискиот збор за ваквото негово поведение е reckless, a не brave (храбар). Тоа е збор што означува отсуство на внимание и негрижа за последиците на дејствија на луѓе што се однесуваат на начин што покажува дека не им е грижа за опасности или последици на нивното поведение врз други луѓе. На македонски јазик зборовите се: неодговорен, невнимателен, непромислен, безобзирен. Забележувам дека ова се доминантните карактеристики на новата власт и нивните поддржувачи, особено засилена по изборната лавина.
Денес, премиерот на кој му се чини дека им рекол „Не“ на Америка и „Не“ на ЕУ за нивниот „француски предлог“, кој прогласи крај на ерата на виткање кичма и „лижење чевли“, не само што ги отфрли предупредувањата на албанските политичари во опозиција и во власта, туку и ги повика да си стојат на зборот зашто, ако не го сторат тоа, ќе остават „лош впечаток во јавноста“.
Ова е веќе цинизам. Ги поттикна (ДУИ) да ја дестабилизираат државата и (ВЛЕН) да излезат од владата. Храброст? Не – непромисленост.
Во едниот случај, во прашање е Законот за бранителите што може да биде повод за конфликт, но и за помирување ако се земе предвид и статусот на некогашните борци на ОНА. Во вториот случај, во прашање е и можното излегување на Влен од владејачката коалиција. Одговорот на овие „закани“, како што ги нарече премиерот е: „Ај, баш да видиме“. Секој разумен човек не би сакал да види што нè чека на крајот од ваквите непромислени изјави.
Од каде оваа „храброст“ кај новата генерација македонски политичари? Од фактот дека РС Македонија е дел од меѓународното општество на суверени држави и членка на НАТО, плод на „кукавичката политика“ на Македонија. „Храброста“ доаѓа и од фактот дека нашиот Западен сојуз е во тешка криза. Односите меѓу големите сили се во процес на трансформација па целото внимание на Америка и на Европа е свртено кон војната во Украина, каде што шансите од Трета светска војна никогаш не биле поголеми.
Внатрешните беспоштедни критики на поведението на Америка и на Европа од страна на нивните „реалисти“ за двојните стандарди во поведението на Западот кон останатиот свет, охрабрија едно лицемерие кон нашите сојузници и пад на нивниот авторитет кај новата генерација македонски политичари. Поведението на Орбан, чија земја ја должи својата безбедност на американскиот нуклеарен чадор и својот економски просперитет на парите од ЕУ, е примерот за тоа како треба да се „снајдеме“ и ние во овој свет. Наместо, како мала сиромашна земја без излез на море, да работи на подобрување на односите со сите политички чинители надвор и дома, новата власт на ВМРО-ДПМНЕ „храбро“ удира контри кај ќе стигне. Може ли, еден ден, да ни вратат со иста мера?
Ај, баш да видиме!

Либертас.мк

(Авторот е професор и прв министер за надворешни работи)

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот