Ахмети и Села му кажаа на Мицкоски до каде смее да оди со Албанците

Европски Фронт 100 дена влада/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Планот на албанската опозиција е 10 дена прес-конференции за неуспесите на Владата, а потоа на терен да ги мотивираат граѓаните, кои по еден месец треба да кулминираат со протести пред Собранието и пред Владата. Главната порака е дека без избори нема да бидат дел од ничија влада.

Со пораки до Вреди да излезат од Владата и заедно со Европскиот фронт да му го покажат местото на премиерот Христијан Мицкоски до каде смее да оди со Албанците и дека нема да влезат во Владата затоа што не се резервна гума, лидерите на Европскиот фронт Али Ахмети и Зијадин Села ја почнаа офанзивата во битката за легитимитетот.

Планот е 10 дена на прес-конференции да говорат за, како што велат, неуспесите на Владата, а потоа на терен да го мотивираат членството и граѓаните, кои по еден месец треба да кулминираат со протести пред Собранието и пред Владата. Главната порака на Европскиот фронт од „100 дена скандали и неуспеси на Владата“ е дека без избори нема да бидат дел од ничија влада.

ДУИ чека наредба од Ахмети за протести пред Собрание и пред Влада

– Немаме претензии да бидеме дел од оваа Влада. Ги повикувам Вреди да ја напуштат моноетничката Влада и антиалбанизацијата на институциите. Откако се тие на власт, Албанците се обесправени. Во изминатите 100 дена до точка и запирка се спроведе програмата на ВМРО-ДПМНЕ и до точка и запирка Вреди ја спроведе нивната програма. Сто дена ги газат Албанците. Премиерот им вели среќен пат, тие глас не пуштија. За законот за бранителите се криеја зад храброста и решителноста на Илире Даути – порача Села.

Европски Фронт 100 дена влада/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Според него, изјавите на Мицкоски за дестабилизација се дефокусирање од планот на премиерот да се укинат заштитните механизми на Охридскиот договор, какви што се балансерот, правичната застапеност и албанскиот јазик.

– Дали ќе има дестабилизација – кажавме не! Ќе се браниме со одлучност, протестите не се за дестабилизација, туку за демократизација, процес што не завршува. Нè обвинија дека сме хистерични за власт, но, еве, ние нема да дојдеме кај вас, дојдете вие кај нас. Ќе го осмислиме нашиот фронт и ќе му го покажеме местото на Христијан Мицкоски, ќе му ги покажеме црвените линии и до каде има право да постапува со овој народ. Неговото зло оди многу подалеку. Кренете раце од овие лоши политики. Треба да бидеме заедно за да ги исцртаме црвените линии и да му покажеме дека додека има Албанци, ќе чекориме заедно кон ЕУ – рече Села.

Ахмети: Албанците не заслужуваат вакво понижување и омаловажување

Ахмети рече дека Албанците во Македонија се субјект затоа што се организирани и се претставуваат со одговорност и со политичка и правна програма во важни процеси. Според него, за жал, Албанците сега се претставени од објект што се нарекува Вреди. Тој рече дека Албанците не заслужуваат вакво понижување и омаловажување.

Али Ахмети за „Слободен печат“: Протести за почитување на легитимитетот и можни предвремени избори

– Ние не сме заинтересирани да бидеме дел од оваа Влада, дури кога го слушам тоа, се иритирам. Нека знаат сите дека ние не сме резервна гума за кој сака и кога има дефекти на патот да нè стави нас. Ние не сме претставници, ниту претставуваме анархисти или реваншисти. Не делуваме според инстинктот, бидејќи политички, идеолошки, национално и дипломатски сме изградени. Сите вредности што ги има еден субјект се претставуваат со достоинство. Хистеричната антиалбанска кампања која е грда, не е добра – рече Ахмети.

Европски Фронт 100 дена влада/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

Тој смета дека не треба да се подгреваат меѓуетничките односи во време кога Европа е во војна и кога се вжештува ситуацијата на Блискиот Исток.

– Ние не сакаме да се вратиме назад. И Европа, ако ги отвори овие прашања, ако ја отвори Пандорината кутија, не се знае каде ќе завршат работите, а уште помалку не треба кај нас да се отвори Пандорината кутија во Македонија, но и во Западен Балкан, затоа што работите одат толку далеку што нема решение кое може да ги среди работите што ќе излезат од оваа кутија. Ние сме држава со демократија и сензитивни меѓуетнички односи. Затоа, како што инвестирале албанските партии во изминативе 23 години во добри меѓуетнички односи, така треба да работат и партиите на Македонците – рече Ахмети.

 

Тој порача претставниците на македонските партии да не ги добиваат изборите врз националистички политики што преминуваат во фашизам.

– Не може да се коментира поинаку целата борба против Коридорот 8, освен како фашизам. Господари на оваа земја сме и ние, заедно ја градиме оваа држава и да ја испратиме таму каде што ѝ е местото, во Европа, а не како што скршна од патот. Ние сме за нула проблеми со соседите, а не за објавување војна со соседите. Немаме ние сила за да војуваме со сите. На земјата ѝ треба мир, стабилност, безбедост, добри меѓуетнички односи, на земјата ѝ треба ветинг. Повелете, да направиме ветинг, ајде да ги отвриме истрагите за приватизација во последните 30 години, каде Албанците се избркани на фашистички начин и сите процеси на приватизација на државата. Ајде да отвориме истрага за сите функционери, за потеклото на нивното богатство, но не може, бидејќи тие станаа милионери и милијардери. Ќе влеземе во сите овие процеси – рече Ахмети.

 Нема шега со големи прашања

Тој додаде дека демократијата не се гради со потикнување на меѓуетнички тензии зашто стабилноста и клучот за иднината на земјава е во двете најголеми заедници – македонската и албанската. Лидерот на ДУИ порача да не се чепкаат веќе затворени теми.

– Да не се шегуваат со големи прашања, се оспорува Законот за јазиците. Не допирајте во стари прашања, не ги воскреснувајте од гроб прашањата кои во суштина се затворени – рече Ахмети.

Европски Фронт 100 дена влада/ Фото: Слободен печат / Слободан Ѓуриќ

За Вреди смета дека направиле фатална грешка кога влегле во партнерство со ВМРО-ДПМНЕ. Тој ја иронизира најавата на Халил Снопче дека ќе излезат од Влада „ако поминат бранителите“, по што Мицкоски му посака среќа.

– Не знаат што ги снајде, а за сè ДУИ им е виновна. Законот за јазици е недопирлив, тој е донесен, немојте да ги заплашувате судовите, зашто вака постапија кога сами прогласија независност како држава, па во 2001 година бараката од хартија сама се растури. Заедно ќе изградиме и чекориме напред зашто ја сакаме Европа. Ние не сме фантазери, имаме концепт и ќе продолжиме да контактираме со народот да докажеме дека овие кои влегоа во Влада ги оставија Албанците надвор од институции, ги оставија без закон за јазик, без знаме. Тие не се наши непријатели, тие се луѓе со кои сме соработувале. Сега прашуваат што ќе направиме. Што ќе бара народот, тоа ќе правиме. Јас реков – не сме анархисти, не сме реваншисти, ќе излеземе, ќе работиме, ќе им објасниме на граѓаните и што ќе кажат тие, тоа ќе правиме. Ние сме единствени претставници на Албанците и нека не заборават дека не ги добиле изборите – рече Ахмети.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот