32-годишна жена почина на Клиника после операција за вадење камен од бубрегот

Клиника за урологија / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Што тргна на лошо после операцијата за вадење камен во бубрег, па триесет и двегодишна жена од Тетово почина? Пред две недели, на 19 јуни младата пациентка од Тетово, влегла во операциона сала на Клиниката за Урологија во Клинички центар во Скопје за елективна операција за отстранување камен во бубрегот, а наредниот ден починала на КАРИЛ, покажуваат документите за нејзината медицинска историја до кои дојде „Слободен печат“.
Нејзиниот сопруг за нашата редакција изјави дека ја бара вистината и ќе поведе судска постапка со вештачења од странство.

-Прво ни рекоа да го извади го каменот од бубрегот, за да ѝ биде функционален бубрегот. После операцијата рекоа дека го извадиле бубрегот за да ѝ го спасат животот.

Жена ми почина на 19 јуни и имаше три операции, беше враќана во сала три пати. Ја барам вистината, мојот петгодишен син секој ден ме прашува кога ќе си дојде мајка му од болница, изјави за „Слободен печат“ сопругот на починатата пациентка.

Тој денеска добил две отпусни писма, едното од Клиниката за урологија, а второто од КАРИЛ.

Документите „раскажуваат“ дека нешто после операцијата за отстранување на камен во бубрегот која се случила на 19 јуни, тргнало во погрешен правец. Во отпусното писмо пишува дека состојбата на пациентката за време на престојот во собата за будење кратко по завршувањето на оперативниот третман на Урологија и будењето од анестезија, прогресивно се влошувала.

Влошувањето после операцијата за вадење камен во бубрегот на Урологија, било со пад на притисокот, со продукција на дрен – свежа крв до 1300 милилитри, бледо пребоена кожа оросена со ладна пот, при што ѝ се дадени 3 единици еритроцити, 2 свежо смрзнати плазми, бикарбонати, стимулација со норадреналин и бил повикан итно уролог за евалуација на состојбата.

Во меѓувреме кај пациентката следувало дополнително влошување на состојбата, тешко дишела, имала средно проширени зеници и била пренесена пак во оперативна сала за операција на Урологија.

Нестабилноста продолжила, била зависна од адреналинска поддршка, пак ѝ биле давани крвни продукти и плазма.

Тогаш според документите, било изведено целосно отстранување на бубрегот и жената била пренесена на КАРИЛ.

На КАРИЛ таа била интубирана, имала бледа кожа, со притисок 90 со 60, со средно проширени зеници кои не реагирале на светлина, па ѝ бил даден адреналин.

Поставен бил венски катетар во вратната вена и почната била интензивна реанимација со кристалоидни и колоидни раствори. Во меѓувреме требувани се дополнителни крвни деривати. Во текот на престојот на КАРИЛ пациентката повторно примала крвни деривати, па пак бил повикан уролог и гастроентерохепатолог за ехо на амдомен бидејќи стомакот бил отечен.

Таа пак била внесена во операциона сала каде што повторно ѝ биле дадени крвни продукти, а викнати биле и абдоминален и васкуларен хирург.

Но, кај пациентката дошло до многу споро дишење и после неуспешна реанимација таа починала.

Резултатите од патоанатомската обдукција семејството уште не ги има добиено.

„Слободен печат“ се обрати во Клиниката за Урологија за коментар, но нашите обиди беа неуспешни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот