Кај се Распеани скопјани?

Никола Наумовски / Фото: Слободен печат

Во последно време секакви сподоби си дозволуваат да го блатат светото име на Распеани скопјани – активистички хор со политички репертоар и аматерски членови од пред десетина години, поставувајќи го ова бесмислено прашање со јасни алузии за некаква неконзистентност во ставовите/активизмот некогаш и денес.

Мене лично многу ме погодуваат овие зборови и не ми е јасно зашто останатите членови не одговараат јасно и гласно. Ќе се обидам да ја надоместам нивната срамежливост и да одговорам на ова прашање, изземајќи се себеси заради непотребни лажни скромности.

Каде се сега Распеани скопјани, речиси десет години по нивниот последен настап? Они се професорки, режисери, актерки, синдикалци, невработени уметници, некои се починати, некои работат во кафичи, некои имаат по две работи, некои водат големи невладини организации, некои се иселија, диџеи, програмери, архитекти, некои во меѓувреме родија деца, некои три деца! Секој од нив си има свое име и презиме, живот, семејство, кариера, но и политички ставови кои не верувам дека се променети. Не верувам дека некој се кае за некој збор што го испеал или некоја порака да пратил со која не се сложувал. Никој не учествувал во тој хор заради надежи за идни функции или други задни намери. Сите учесници, а ги имаше 100-ина низ годините кога хорот работеше, веруваа во избраните песни и стихови, политичкиот контекст и локациите пред кои се пееше. „Дирлада“ пред грчка амбасада беше собир во поддршка на добрососедство со Грција, не верувам дека некој е против тоа денес (освен она Ќосено на подкастот со Сале кај што полудува у сред емисија, така и кај нас полуде. Среќа што си отиде.). Не верувам дека некој се кае за антифашистичките песни во поддршка на Борците, дека тие вредности се напуштени. Или пак дека „Мерцедес бенз“ пред Соборен храм не им е драга денес и дека се гордеат што ја пееле. Или пак кога на Коце му ја пеевме „Коце таткото“ зашто најави дека сака да ја врати калдрмата (долго пред СК2014 воопшто да биде најавен), или пак кога ја пеевме „Временска машино“ кога најави дека сака да го одглави саатот на старата железничка станица. Дали некој се кае што ги пеевме песните против полициската бруталност, социјална правда, родовите прашања, екологијата, урбанизмот, архитектурата, нашата опсесија СК2014… дали некој воопшто ги сменил своите погледи во однос на овие прашања? Познавајќи ги, следејќи ги своите пријатели, јас не гледам кој од нив има спротивни вредности денес.

Според тоа, не знам зашто некој би бил засрамуван со такви паланечки реторички прашања. Веројатно ја пропуштам поентата, бидејќи целта не е да се запрашаат Распеани скопјани, туку да и се удоволи на паланката и нејзината потреба некого да оговара, сето тоа поврзувајќи го со дневните политички теми. Се случил скандал со путер – кај се Распеани скопјани? Се одржува референдум за името – кај се Распеани скопјани? Немало болнички возила – кај се Распеани скопјани?! Како нивното височество да има право на посед над нашите животи, како да сме ја напуштиле „ноќната стража“ и сега седум години по нашиот последен настап, да сме должни да му се појавиме нему на екран и со песна да му ја прокоментираме денешната тема. Сакате да знаете што мислат Распеани за парцелата кај „Холидеј Ин“ – прашајте ги, нема да ве одбијат за изјава. Сите се потпишани на петицијата. Сакате да знаете што мислат за ЛГБТ правата денес? Сите беа организатори и учесници на парадата. Сакате да знаете што мислат за женските права денес? Пукнати се да ви кажат, само поставете им прашање. И видете дали некој се сменил или си го гризе јазикот за она што некогаш го испеал.

Така што, драги лицемери, знам дека денес надоместувате со вашата гласност за некогашната тишина. Многумина од вас никаде ги немаше кога беше вистински тешко да се крене глас. Кога сите мислеа дека е залудно, кога се губеа работни места заради активизам, кога се плаќаа казни за ненајавени собири, кривични пријави, закани, триста притисоци долги години пред „бомбите“ и Шарената револуција, кога опозиција речиси и да немаше, социјалните медиуми беа нови. Некои од нашите песни беа изведувани и пред најавата за СК2014, пред појавувањето на „Твитер“ и „Инстаграм“, додека Бранко Црвенковски беше претседател на РМ, Трифун Костовски градоначалник на Скопје, а Аларова на Општина Центар. Толку се стари Распеани скопјани што беа пензионирани три години пред почетокот на Шарената револуција, две години пред референдумот за ГТЦ и студентските протести. И сега, ботовите на велешкиот Стаљин ќе ги прозиваат овие великани, оној куп месо на партиската говорница на ВМРО ќе блати и блати, како што само тој знае, а третиот ден некој вистински лик ќе си запише на Фејсбук всадена идеја од пред некој ден како да е своја. И полн со себе ќе носи ловорики ко да истерал некоја космичка правда кога го поставил реторичкото прашање – Кај се Распеани скопјани? Знаете зошто бевме хор, а не група што држи транспаренти на протести? Зашто толку не имаше на протестите тогаш – по петнаесетмина. Ама гласот на тие малкумина eчеше од Љубљана до Атина.

 

 

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот