Фрчат кривични пријави за дело со кое се овозможи плата за илјадници граѓани

Бисера Костадиновска Стојчевска

ВМРО-ДПМНЕ и Левица поднесоа кривични пријави против пратениците Бисера Костадиновска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, бидејќи го прекршиле Кривичниот законик и Законот за заштита на заразни болести и за спикерот Талат Џафери бидејќи овозможил на седница да присуствуваат двајца пратеници позитивни на ковид-19.

И двете опозициски партии, освен во Обвинителството, пријава за прекршување на мерката – изолација, доставија и до Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ Ели Панова, побара кривичните пријави итно да бидат процесуирани, бидејќи Македонија мора да биде држава во којашто законите и Уставот важат подеднакво за сите.

-Поради основано сомневање за прекршување на Кривичниот законик, а особено во членовите 205 и 206, кои што се однесуваат за непостапување по здравствени прописи во време на пандемија, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, денес во Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава. Исто така морам да потенцирам дека во неделата беше прекршен и Законот за заштита на населението од заразни болести, којшто, внимавајте, имаше измена и дополнувања кои што ги донесе овој пратенички состав во месец октомври 2020 година, рече Панова.

Според Левица пратениците и спикерот со своето дејстување предизвикале страв и несигурност кај пратениците и кај јавноста, а воедно го довеле во прашање животот и здравјето на народните избраници и на нивните семејства, а со тоа и нормалното функционирање на институцијата Собрание на РСМ – како централен државен орган и единствен уставен носител на законодавната власт.

-Сето ова го договарал и знаел и собранискиот спикер – третопријавениот Џафери, но истиот, не само што не сторил ништо за да го спречи, како најповикано одговорно службено лице со дадени овластувања со Законот за Собранието на РМ и со Деловникот на Собранието на РМ, туку истиот и го организирал овој опасен биохазарден експеримент, кој може да го парализира нормалното работење на законодавниот дом во целина, сметаат од Левица.

Собранискиот спикер Џафери за пристуството на двајцата пратеници во скафандери рече дека е во согласност со посебен протокол, донесен уште минатата година, според кој пратениците кои се во изолација без симптоми на ковид-19 да можат да учествуваат во работата на Собранието од посебна соба, без контакт со другите пратеници во салата.

-За да обезбедам функционалност на институцијата која им припаѓа на граѓаните го употребив најмалото лошо решение. Кога веќе опозицијата условува немав друго решение освен да го спроведувам она што ми е дадено според протоколот кој е одобрен од државната комисија за здравство. Минатата среда, собраниските служби се вакцинираа, до крајот на месецот доколку има услови ќе се вакцинираат и пратениците. Со тоа се надевам ќе ги избегнеме ваквите ситуации, рече вчера Џафери.

Според пратеничката од СДСМ Снежана Ванчева Калевска, и покрај имунитетот што го уживаат пратениците, против нив може да биде поднесена и кривична пријава, но покренувањето на постапка од страна на обвинителството ќе зависи од тоа дали има кривично дело.

-Прво треба да се докаже дека пратениците загрозиле нечие здравје, па потоа дека пратениците или спикерот не го испочитувале протоколот во Собранието и не постапиле во согласност со него. Не е првпат пратеник да биде заболен од коронавирус, да гласа во Собранието. Пратеникот од ДУИ Арбен Зибери, гласаше за новата влада. Тие не отишле во продавница, на забава или во театар. Согласно протоколите од домашни услови дошле на седница и потоа од седница си заминале во своите домови. Ние пратениците од моментот кога стапнуваме на оваа функција, не сме повеќе обични физички лица. Нашата одговорност е друга во согласност со законот, Деловникот и Уставот. Со нивното гласање се овозможи донесување на закони со кои илјаднии граѓаните требаше да добијат плата а опозицијата ги блокираше, рече Ванчева – Калевска.

Според претседателот на партијата на пензионери Илија Николовски, само со политичка култура може да се надмине блокадата во Собранието.

– Политичката култура ни е многу ниска. Се додека употребуваме „ние“ и „вие“, а не „заедно“ да работиме за граѓаните, ќе има вакви ситуации. Политичката култура треба да се подигне на повисоко на ниво на дијалог во рамките на Собранието. Треба да се подобри координацијата на пратеничктие групи, а не претседателот на Собранието да работи според нечии желби. Како пратеници одговорно треба да си ја вршиме својата должност, рече Николовски.

И пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска најави кривични пријави до пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Левица за нивното работење во Собранието. Таа тврди дека не направила кривично дело со доаѓањето во Собранието, иако е во изолација поради ковид-19. Според неа, колегите од опозицијата не го цитирале делот од Кривичниот законик кој вели дека ниту еден прекршок не е казнив со закон ако се работи за јавен интерес.

-Сакав да присуствувам на седницата зашто не се работи за мене или за Мицевски, туку за граѓаните кои го чекаа петтиот пакет мерки повеќе од два месеца. Нема кршење на ниту еден закон, не се движевме сами, бевме придружувани и одевме по сосема поинаков пат од другите пратеници. Не влеговме во собраниската сала, бевме во посебни кабини. Не излегов во полициски час како Стоилковски да си купам бурек, туку во време кога ми беше дозволено од лекарски надзор. Не облеков скафандер за да се прошетам на корзо во Битола, туку за да гласам и веднаш се вратив назад. Ќе одговорам на секоја кривична пријава, но и ќе возвратам со кривична пријава до колегите од ВМРО-ДПМНЕ зашто доаѓаат на работа, а седат по канцеларии наместо да ја извршуваат работата, додека пратениците од Левица се појавуваат десет минути неделно на едно процедурално од кое прават театар и си одат, рече Костадиновска Стојчевска за 24 Вести.

При извршен вонреден инспекциски надзор во Собранието не се констатирани неправилности

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот